Електро-енергетското искористување на водите има статус на интегрален дел на задачите кои се поставени пред хидросистемот "Стрежево"-Битола.
Поради тоа, од аспект на одржување на основните објекти на Хидросистемот и тенденцијата
за поадекватно, поквалитетно и порационално задоволување
на потребите на корисниците, се вршат редовни ремонти како и санација на дефекти на електро-енергетските објекти (мали хидроцентрали): ХЕЦ "Стрежево", ХЕЦ "Биолошки минимум", ХЕЦ "Филтерница", ХЕЦ "Експлоатационен минимум" и ХЕЦ "Довлеџик".
Моменталната состојба е следната:
ХЕЦ "Филтерница", ХЕЦ "Биолошки минимум" и ХЕЦ "Експлоатационен минимум" се електро-енергетски и софтверски исправни и во функција.
ХЕЦ “Довлеџик” од електроенергетска гледна точка е спремна, меѓутоа во моментов заради безбедносни и сигурносни причини, се врши интервенција на софтверскиот дел и електрониката за управување.
Во однос на ХЕЦ “Стрежево“, во периодот од март до мај ќе биде извршена санација на II агрегат. При ремонтот ќе се извршат следните активности:
- Контрола на состојбата на површината на трите лежишта со пенетранско испитување со течност
- Испитување на состојбата на материјалот на генераторската осовина, мерење на центричноста на истата на лице место и
- Обработка на генераторската осовина во радијален и аксијален правец на лице место.
Покрај санацијата на дефектот на II агрегат, ќе биде извршено и презаливање со бел метал на две турбински лежишта на агрегатите на ХЕЦ “Стрежево”, кои служат како резервни лежишта. Презаливањето ќе се изврши на двете аксијални и едната радијална работна површина.
Поради добрата хидролошка состојба која се одразува и на волуменот на вода во акумулацијата а кој во моментов изнесува 85.000.000 m3вода, очекуваме со стартувањето на сезоната за наводнување, да бидат ставени во функција и останатите хидроцентрали.