Денес двете претпријатија потпишаа протокол за снабдување со сирова вода со прецизни одредби за регулирање на правата, обврските, како и начинот на постапување на договорните страни.
Со протоколот се уредуваат условите и начинот за снабдување со вода, односите меѓу давателот и корисникот на услугата, со цел достапност до доволно количество квалитетна вода за потребите на граѓаните, во согласност со начелата за одржливо управување со водите за пиење и заштита на човековото здравје.
“Јавното Комунално Претпријатие Водовод Битола е едно од трите стратешки партнери на претпријатието, покрај РЕК Битола и ЗИК Пелагонија. Од тие причини уште во 2017 година започнавме разговори за регулирање на финансиските и техничките односи со ова, за нас, исклучително значајно претпријатие.
Договорот овозможува прецизно дефинирање на опременоста на приклучните места, сопственоста, манипулацијата, одржувањето и регулација на сите права и обврски на договорните страни.
Ова е во интерес на вработените од Стрежево и Водовод, но морам да истакнам дека најмногу е во интерес на граѓаните од Општините Битола, Новаци и Могила.” - изјави директорот Граматковски.
Во билансот на сирова вода за потребите на водоснабдувањето на градот Битола и околните населени места партиципираат дистрибуираните води преку доводниот цевковод со придружните објекти на Системот "Драгор", електро-енергетски искористените води со ХЕЦ “Сапунчица”и водите од ХС “Стрежево”, кои се зафаќаат од Главниот доводен канал или испорачуваат од Алиментациониот канал.
Крајна дестинација на сите овие води претставува Филтерската станица “Битола”, лоцирана во непосредна близина на селото Дихово во која се реализира потребниот третман на истите, односно обезбедување на нивен адекватен квалитет за предвидената намена - водоснабдување на општините Битола, Новаци и Могила.