Jавното претпријатие „Стрежево” - Битола, согласно Законот за рибарство и аквакултура, изврши порибување на акумулацијата „Стрежево” со подмладок од крап и пастрмка.
“Дозволете најнапред да изразам благодарност за присуството на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на градоначалникот на Општина Битола, Наташа Петровска, и на директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Зоран Шапуриќ, на денешниот свечен чин на порибување, со циприниди и благородни видови на риби – салмониди.
Им се заблагодарувам и на сите релевантни субјекти кои успешно се координираа и се грижеа за регуларноста на порибувањето, претставниците на медиумите, риболовните здруженија и сите граѓани кои одвоија дел од времето за да присуствуваат на денешниот настан” - изјави директорот Методија Граматковски.
“Денес го реализиравме порибувањето на места кои се најпогодни според стручните лица, за опстанок на младата риба.
Чинот на порибување подразбира набавка на специфициран порибителен материјал, негов транспорт во адекватни контролирани услови од репроцентарот до предвидената локација и безбедно испуштање во риболовната вода” - рече Граматковски.
Порибувањето се реализираше во близина на браната "Стрежево" и Шахтниот преливник на акумулацијата “Стрежево”, со сопствени финансиски средства со подмладок од крап (1000 единки, со единечна маса од 50-800 грама) и пастрмка (5000 единки, со единечна маса од 10-70 грама).
“Денешните активности симболично ја манифестираат нашата одговорност и обврска за грижа за заштитата и одржувањето на животната средина” - додаде Граматковски.
ЈП „Стрежево” - Битола продолжува да инвестира во зачувувањето, управувањето, заштитата и обновувањето на рибниот фонд .