Search горе

Најгоре десно контакт

ЈП Стрежево на Facebook YouTube канал на ЈП Стрежево  LinkedIn ЈП Стрежево images

Интервју на директорот Граматковски за весникот Нова Македонија

Без „Стрежево“, Пелагонија ќе беше пустина, а Битола жедна за вода

Повозрасните битолчани сигурно се сеќаваат. Точно пред четири децении, во далечната 1982 година, пред да се изгради хидромелиоративниот систем „Стрежево“, Битола не само што беше жедна за вода туку и при најмали врнежи од дожд беше буквално поплавена, а градот личеше на Венеција, пливаше во вода. Во тие години жителите на Битола од повисоките места со вода за пиење се снабдуваа од чешмите во Градскиот пазар или другите маалски чешми, каде што полнеа вода во шишиња, туби, стомниња… Со изградбата на хидросистемот „Стрежево“, Битола не само што го реши проблемот со вода за пиење за наредните сто години туку ги реши и проблемите на земјоделците со вода за наводнување на најмалку 22.000 хектари плодна земјоделска површина во Пелагонија, од Лисолај до Кременица, а и проблемот со вода за индустријата, која ги снабдува ЈКП „Водовод“ и РЕК „Битола“.
Денес Битола, благодарение на хидросистемот „Стрежево“, кој е еден од најсовремените и најмодерни во Македонија, речиси нема никакви проблеми со вода, како за пиење, така и за наводнување на земјоделските површини и индустријата. Со изградбата на хидросистемот „Стрежево“ е изграден алиментациски канал, долг 61,5 км, кој ги зафаќа водите од седум водотеци од Баба Планина и ги внесува во сливот на реката Шемница, со што се заштити Битола од поплави, а главниот доводен канал, за транспорт и дистрибуција на водата до водокорисниците, е со вкупна должина од 44 км. Центарот за динамичка регулација, кој е единствен во Македонија, овозможува непречено снабдување на потрошувачите со вода и елиминирање на загубите на вода по каналот.
Неодамна, кога поради сушата и високите температури голем број градови беа жедни, кога Пелистер буквално пресуши и остана без вода, битолчани, благодарение на „Стрежево“, беа обезбедени како со вода за пиење, така и за наводнување, за индустријата, а и за РЕК „Битола“. Иако обилните и поројни дождови што паднаа во последните денови во извесна смисла ја подобрија хидролошката состојба во Битола, сепак и за време на најтоплите денови, кога температурите достигнуваа и над 40 степени, а дневната потрошувачка на вода беше и над 600 литри во секунда, битолчани не се соочија со недостиг од вода.

– Битола без „Стрежево“ би била жедна, а Пелагонија обична пустина. Во овој момент состојбата со вода во езерото е поволна. Тоа не се должи на последните врнежи од дожд, кои придонесоа во извесна смисла да се дополни акумулацијата, туку на претходно акумулираната вода. Во споредба со 2021 година, оваа година сезоната ја почнавме со 11 милиони кубни метри вода повеќе, што беше доволно сезоната за наводнување во Пелагонија успешно да ја завршиме. Сезоната ја почнавме со 92 милиони кубни метри вода. Сега имаме повеќе од 55 милиони кубни метри вода. Поради тоа и во топлите (нај)сушни јулско-августовски денови, кога се трошеше и по 560-600 литри вода во секунда, ние на ЈКП „Водовод“ им испорачувавме доволно вода за снабдување на граѓаните како и на сите водокорисници, земјоделците, РЕК „Битола“, индустријата не само во Битола, туку и соседните општини Новаци и Могила – вели првиот човек на „Стрежево“, Менде Граматковски.
За успешно да ја пречека сезоната за наводнување, „Стрежево“ во голем дел ја обнови деталната каналска мрежа, со што не само што во голема мера се намалија загубите на вода поради дефекти туку значајно се намалија и дефектите.
Деталната каналска мрежа од 2017 година постојано редовно се обновува. Ние практично секоја година издвојуваме од 20 до 30 милиони денари за обновување на деталната цевководна мрежа, со нови цевки и хидромеханичка опрема. ЈП „Стрежево“ постојано во својата деловна политика води сметка како за редовно снабдување на граѓаните со вода за пиење, индустријата, РЕК „Битола“ и земјоделците. Со изградбата на системот, во Пелагонија се покриени со детална каналска мрежа вкупно 22.000 хектари плодна земјоделска површина – велат од “ Стрежево “ и нагласуваат дека иако, како и сите компании, „Стрежево“ поради енергетската криза се наоѓа во голема економска и финансиска криза, ова јавно претпријатие не ја покачи цената на водата за наводнување на земјоделските површини туку таа остана иста како во изминатите пет години и изнесува само еден денар за еден кубен метар вода.
Таквиот однос кон земјоделците ја зголеми заемната доверба и затоа најголемиот број земјоделци што користат вода за наводнување совесно се однесуваат кон неа и не прават злоупотреби, иако има и земјоделци што се обидуваат диво да се вклучат на каналската мрежа, но чуварските служби на „Стрежево“ мошне брзо ги откриваат и санкционираат таквите земјоделци.
Затоа, од „Стрежево“ апелираат корисниците совесно и одговорно да се однесуваат кон водата, како кон нејзиното рационално користење, така и кон планирање на земјоделските култури што мислат да ги сеат, бидејќи од тоа зависи и планирањето на потребните води за наводнување, зашто без стрежевската вода, Пелагонија би била пустина.

– На тој план планираме и идната година да реализираме поголеми зафати на главните делнички цевководи. Тоа ќе го направиме во септември декември и во периодот февруари- мај идната година, кога за „Стрежево“ е „мртва“ сезона.
“Стрежево“ редовно има инвестиции. Инвестиравме во главниот канал за затворачи и во електро енергетската опрема, во теренски возила, градежни машини, материјали – вели Граматковски.
Како и сите субјекти во државата, така и „Стрежево“ ги (по)чувствува последиците од економската и енергетската криза.
Нѐ погодува економската криза, поради која имаме зголемени трошоци за електрична енергија, бензин, гориво за возилата. За да се справиме со кризата, штедиме и ги намалуваме сите непродуктивни трошоци, а настојуваме да ги зголемиме и приходите – изјави Граматиковски.
„Стрежево“ најмногу заштедува во делот на електричната енергија и горивото. Добар дел од приходите што ги остварува „Стрежево“ обезбедува од водата што ја пласира до потрошувачите, но ова јавно претпријатие обезбедува средства и од производството на електрична енергија.
„Стрежево“ располага со пет сопствени хидроцентрали и осум агрегати. Правиме производство на електрична енергија онолку колку што треба да испорачуваме вода. Ние, на некој начин, двапати ја користиме водата, и за пиење, наводнување, за индустријата, но и за производство на струја. На тој начин ние во овој момент придонесуваме не само за подобрување на нашата финансиска и економска стабилност туку и за подобрување на состојбата во електроенергетскиот систем на Македонија – нагласува Граматковски.


Според својата развојна програма, „Стрежево“ наскоро ќе почне со градба на фотоволтаична централа.
Проектот е во завршна фаза, иако доста време се мачевме во лавиринтите на администрацијата. Сега сме во фаза на добивање градежна дозвола. Очекувам во секој момент Општина Битола да даде дозвола за изградба на фотоволтаичната централа, а Министерството за транспорт и врски за 35-киловолтната постројка и 35-киловолтниот транспортер. Наскоро ќе биде објавен тендерот за избор на изведувач на градбата на фотоволтаичната централа од 500 киловати, на објектот „Брана“, кој ќе биде изграден на наше сопствено земјиште – нагласува првиот човек на „Стрежево“, Менде Граматковски.
ЈП „Стрежево“ доста го погоди пресудата на Апелацискиот суд во Битола, со која го задолжи ова јавно претпријатие на име на изгубена добивка да ѝ исплати на ЗК „Пелагонија“ над еден милион евра. Овој судски процес се закануваше во целост да ја блокира работата на претпријатието.

Проблемот датира од 2015 година, кога во август настана свлечиште на главниот доводен канал на зафатната брана Г0, кај Драгарино. Со брза интервенција на вработените, направивме бајпас на главниот канал и во рок од пет дена повторно се пушти вода за земјоделците. Во тој период наврнаа големи количества вода во Пелагонија и мислам дека немаше реално штета во ЗК „Пелагонија“. Но ЗК „Пелагонија“ во 2016 година го тужи претпријатието за изгубена добивка. Дури по пет години судење, во 2021 година Основниот суд на Битола донесе пресуда во корист на ЈП „Стрежево“, дека ЗК „Пелагонија“ немала штета. Но Апелацискиот суд во Битола, во јануари 2022 година, само шест месеци по пресудата на Основниот суд, ја преиначи пресудата на првостепениот суд и пресуди во корист на ЗК „Пелагонија“, ЈП „Стрежево“ да ѝ плати 61 милион денари на главен долг, 800 илјади ден. судски такси и адвокатски трошоци и 45 милиони денари камати.
За да не бидеме блокирани и да не можеме да ги извршуваме дејностите што се од витално значење, како за Битола така и за државата, и вработените да не останат без плата, со максимално ангажирање на менаџментот на претпријатието најдовме сопствени средства од заштедите, кои ги планиравме за инвестиции во наредните години, и ги исплативме главнината и судските трошоци. Камата ќе се плаќа со компензација со испорачаната вода во наредниот период. Таква одлука донесе Владата, која е основач на ЈП „Стрежево“, нѐ натера да склучиме спогодба за компензација на каматата – потенцира Граматковски, кој нагласува дека во 2015 година, кога настанал спорот, тој не бил директор и не учествувал во тие дејства и затоа не чувствува одговорност.
Со цел целосно да се расветли овој случај, „Стрежево“ испрати до ОЈО претставка за поранешното раководство, предводено од бившиот директор Марјан Геровски, а претставка е испратена и до Републичкиот судски совет и е испратена ревизија до Врховниот суд.
Инаку, и покрај овој спор, кој во голема мера го оптовари работењето на „Стрежево“, сепак денес „Стрежево“ е стабилна фирма.

– Во првиот мандат откако јас ја презедов директорската фотелја, се сконцентриравме на стабилизирање на фирмата, подобрување на организацијата на работа, реализација на нови инвестиции. Таквото добро работење ни овозможи да ја покачиме платата, а по повеќе од 20 години, регресот што вработените не го земаа десет години, сега редовно се исплаќа. Сега кога стабилизирањето на претпријатието е заокружено, сите активности се насочени „Стрежево“ да биде современо јавно претпријатие и најсовремен хидросистем во државата – вели Граматиковски.
Моментално главна преокупација на вработените е да се направи новата фотоволтаична централа, да се рехабилитираат цевководите и да се осовременат постојните хидроцентрали.
Но главната инвестициска активност ќе биде насочена кон изградба на паралелен цевковод со главниот канал, кој е стар повеќе од 42 години, од браната до Кукуречни, каде што во сите 24 часа 365 дена во годината за населението во општините Битола, Новаци и Могила ќе има вода за водоснабдување, а ќе има вода и за РЕК „Битола“. За реализација на оваа инвестиција е изработен проект, а за реализацијата на оваа инвестиција, покрај „Стрежево“, кое ќе учествува со свои средства, ова јавно претпријатие очекува да се вклучат Владата, РЕК “ Битола “ како и локалната самоуправа.
Со заеднички средства околу акумулацијата „Стрежево“ ќе се изгради колектор за прочистување на сите отпадни води што се влеваат во езерото, со што водата во езерото постојано ќе биде чиста и од прва класа.
Следната голема инвестиција е доизградбата на ски-центарот во Ниже Поле, изградба на топови за вештачки снег. Оваа инвестиција се планира да се реализира заедно со Владата и со Општината. За развој на зимско-летниот туризам се планира населбата Стрежево, која е затворена од 2008 година, да се даде на јавно-приватно партнерство, или под концесија, на концесионер што ќе инвестира исклучиво за развој на зимско-летниот туризам – потенцира првиот човек на „Стрежево“, Менде Граматковски.